Железарец годинава нема да игра предквалификации, туку директно во квалификациите за УЕФА Купот!

Актуелниот футсал шампион и освојувач на Купот на Македонија, екипата на Железарец за првпат од новата сезона од УЕФА футсал Купот нема да игра во предквалификациите, туку во главната рунда од квалификациите за елитната рунда.

Покрај Железарец во главната рунда од квалификациите се најдоа и Спортинг (Португалија), Араз (Азербејџан), Економац (Србија), Ера-Пацк (Чешка), Ѓер (Унгарија), Никарс Рига (Латвија), Лида (Белорусија), Хеле (Белгија), Гран Про Варна (Бугарија), Кремлин (Франција), Таргу Муреш (Романија), Енерџи Лвов (Украјна), Пинерола Братислава (Словачка), Реал Риети (Италија) и Национал Загреб (Хрватска).

Пласман во Елитната рунда имаат обезбедено четири тима, актуелниот европски првак ТТГ Угра Југорск од Русија како и шампионот на оваа држава Динамо, потоа шпански Интер Мувистар и казахстански Каират Алмати. Ждрепката за предквалификациите и главните квалификации ќе се одржи на 7 јули. Првата фаза од квалификациите ќе се игра од 16 до 21 август, додека главните квалификации, со кои ќе започнат настапите на Железарец во Европа сезонава се на програмата од 11 до 16 октомври.

Како што е познато нашиот првак минатата сезона од предквалификациите, па преку главните квалификации, за првпат се пласира во Елитната рунда, која е составена од 16 екипи.