Железарец ги сруши сите рекорди на македонскиот футсал

Доминацијата на КМФ Железарец во домашниот футсал во изминатите години беше само најава дека оваа година овој клуб ќе го направи најголемиот успех на меѓународна сцена. Проектот со ангажирање на тренерот Иван Божовиќ, донесувањето на првиот Bразилец Даниел Де Соуза и враќањето на неколку квалитетни играчи во тимот беа најава дека ова ќе биде успешна приказна. 

Железарец на меѓународен план оваа сезона одигра рекордни осум натпревари во Футсал Купот на УЕФА и притоа забележа 6 победи и 2 порази од Слово Матик и Пескара. „Зелените“ и оваа година рушеше рекорди во домашната лига, па одигра 27 натпревари, забележа 26 победи, имаше само една средба каде не успеа да победи (против Велес на домашен терен 2-2) и ја заврши сезоната без пораз што беше и една од целите на клубот. Притоа успеа да постигне рекордни 211 гола, а прими 51, со освоени 79 бодови. Железарец во просек постигнуваше по 7,8 голови по натпревар, а примаше по 1,8 по натпревар.

Оваа година ја освои и титулата во Купот на Македонија, исто така на доминантен начин, на четири средби постигна 42, а прими 15 гола, а во финалето против Јувентус Серава славеше со 7-0.