• Мартин Танасковски
Македонскиот футсал-првак Велес ги заврши настапите во претквалификациската фаза за Лигата на шампионите затоа што во клучниот меч во борбата за првото место загуби од Валета од Малта (5-8).
Велешани по стартните две победи во групата се лизнаа на последната пречка и на домашно тло не успеаја да обезбедат наредна фаза во Лигата на шампионите. Иако први поведоа на мечот, преку Игор Стојковски, два брзи гола постигна Камило Гомез и Валета на полувреме имаше гол предност (1-2).
Потоа, следеа два брзи гола за Валета, за предност од 1-4, па и нови голови за 2-5, но Велес не се предаде и со погодоци на Левески и Ранготов дојде на еден гол негатива (4-5). Потоа, двата тима постигнаа по еден гол, преку Гомез и Глигоров, па Велес во финишот комплетно се отвори и нападна. Тоа го чинешее тимот два примени гола, за конечни 5-8 и елиминација во првиот филтер.
Велес во групата победи против Космос Талин од Естонија и Наас Самба од Ирска. Во наредната фаза патува лидерот Валета, со три победи на три меча.