Велес со „десетка“ за Футсамба ги отвори квалификациите за ЛШ

Македонскиот футсал шампион, КМФ Велес, одлично ја отвори прелиминарната фаза во УЕФА Футсал Лигата на шампиони. Во денешниот меч во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, велешани запишаа убедлива победа во првото коло против екипата на Футсамба од Ирска со 10-3.

Димче Андов отвори со гол во втората минута и ја најави одличната вечер на македонскиот претставник. По осум минути игра, тој постигна погодок за двојно водство, а неполна минута подоцна, Дарко Ранготов зголеми на високи 3-0.

Избраниците на Марјан Стефановски покажаа дека сериозно размислуваат за главната рунда во натпреварувањето и постигнаа уште еден гол до крајот на полувремето. Одбраната на Велес ја загуби концентрацијата на две минути пред паузата и дозволи противникот да намали преку Кристијан Станкута.

Во продолжение за тимот од Велес погодија и Петровски, Тодоровски, а со комплетирање на „хет-трикот“ на Димче Андов дојдоа до убедливи 8-3. До крајот повторно во листата на стрелците се запиша Тодоровски, а конечните 10-3 ги постави Рамадан во последната минута.

Шампионот на нашата држава веќе утре ќе игра против Космос од Естонија во меч кој се игра со почеток од 20:00 часот.