Средба на претседателот на КМФ Велес со првиот човек на Велес

Претседателот на Клубот во мал фудбал Велес, Бојана Скендеровски вчера оствари работна средба со градоначалникот на Велес, Славче Чадиев. 

Тема на разговорите беше заедничката соработка околу санацијата и реновирањето на спортската сала „Гемиџии“, каде што КМФ Велес ќе ги игра своите натпревари од домашното првенство и настапите во Лигата на шампионите идната година. Беше констатирано дека е неопходно со заеднички сили на клубот и општината Велес тоа да се реализира етапно, во неколку фази, а со тоа салата ќе прерасне во спортски центар во кој ќе се организираат многу настани од спортски и културен карактер.  

Од тоа бенифитот нема да го има само КМФ Велес, туку и сите спортски екипи кои ќе настапуваат во салата како и организирање на многу музички настани. Само потсетување од оваа година КМФ Велес прераснува во вистински професионален клуб кој веќе оваа сезона има амбиции да ја донесе првата шампионска титула во градот на Гемиџиите.

Веќе во сабота на 24 септември во 17.00 часот во спортската сала „Гемиџии“ љубителите на малиот фудбал ќе имаат шанса да го гледаат премиерното издание на КМФ Велес на домашен терен против екипата на Цико од Валандово. 

Тоа ќе биде вистинско спортско доживување за сите љубители на спортот од градот, каде што ќе има многу изненадувања за гледачите, а истовремено ќе биде промовирана и химната на клубот во изведба на Велешанецот Мики Секуловски, чиј автор е познатиот хит мејкер Александар Митевски.