Србија и „Арена“ спремни за спектаклот - ЕП во футсал

Србија и белградска „Арена“ се спремни за Европското првенство во футсал, турнир кој претходните неколку години доживеа голема експанзија. Првенството ќе се одржи од 2. до 13. февруари 2016 година, а на истото се очекуваат нови возбудувања и интересни натпревари. Србија до сега била домаќин на многу големи европски и светски спортски збиднувања, но за прв пат оваа година таа ќе биде домаќин на ЕП во футсал. Македонската футсал репрезентација беше на чекор до пласман, но заради послаба гол-разлика не се квалификувавме. 

Европското првенство ќе биде отворено со натпреварот помеѓу Србија и Словенија на 2. февруари, со почеток во 18.30 часот во рамките на групата А. Во истата група се најде и репрезентацијата на Португалија. Група Б ја сочинуваат Шпанија, Украина и Унгарија, во групата Ц ќе се натпреваруваат Русија, Хрватска и Казахстан, а групата Д е составена од Италија, Чешка и Азербејџан. Двете најдобри репрезентации од сите четири групи ќе се пласираат во четвртфинале, кое е закажано за 8. и 9. февруари. Полуфиналните натпревари ќе се одиграат на 11, а финалето и борбата за бронза се закажани за 13. февруари.

Титулата првак ја брани Италија, која до својата втора шампионска титула стигна во Белгија во 2014 година, по триумфот на домашен терен во 2003 година, Најуспешна репрезентација е Шпанија со шест титули (на домашен терен во 1996, во Русија 2001, во Чешка 2005, Португалија 2007, Унгарија 2010 и Хрватска 2012 година).