• Мартин Танасковски

Футсал-репрезентацијата на Македонија со дискутабилен гол на 12 секунди пред крајот загуби од Босна и Херцеговина (2-3). Нашиот национален тим беше на прагот прв да ѝ „скине“ бодови на лидерската селекција во нашата група, ама судиите оценија дека шутот на Јелиќ по една интервенција на Петровски ја минал линијата.
Селекторот Васко Скендеровски за Gol.mk ги сподели импресиите по натпреварот и истакна дека жали што нашата репрзентација која играше десеткувана не успеа да дојде барем до бод со лидерот во групата кој сега има пет победи на пет меча.
„Таков е спортот, некогаш ќе бидеш и оштетен. Немавме среќа, игравме со десеткуван состав и бевме на прагот на голем успех. Не заслуживме пораз, тоа е мој прв впечаток. Одигравме машки и храбро, но во секое лошо можеш да најдеш и добро. Добиме нови млади играчи кои покажуваат дека има перспектива на футсалот. Тоа ни беше цел за овие квалификации. Кога ќе сумираме, мечот беше квалитетен, ова е максимумот што можевме. Ќе ни треба време да се вратиме на психички план и да прикажеме уште една добра партија како што и правиме во овие квалификации“, ни изјави Скендеровски.
Предводникот на футсалците го коментира и „фантомскиот“ гол во самиот финиш...
„Голот е доста дискутабилен, разговаравме и со контролот на судење и тој потврди дека не е гол, но ние немаме ништо од тоа, резултатот е 2-3. Жално е кога ќе загубиш ваков меч, многу демотивирачки влијае на играчите, но ќе се обидеме да собереме сила да бидеме спремни за мечот со Романија. Имавме шанса да ѝ земеме бод на БиХ, а малку фалеше и да победиме, пред да примиме гол, три секунди претходно, на празен гол имавме шанса по шут на Ранготов, но немавме среќа“, заврши селекторот на футсал-репрезентацијата.
Македонија по пет одиграни кола има две нерешени и три порази, а последниот дуел од циклусот против Романија го игра на 14 април на гостински терен во Темишвар.