• Зоран Мишевски
Можеби нашите футсалци беа разочарани по лошиот претходен циклус за Мундијалот, но веќе следува нова шанса за поправен испит. Следната недела во Скопје почнуваат претквалификациите, а со тоа и нова ера во нашиот футсал. Имено, Васко Скендеровски се врати на селекторското место и на натпреварите против Норвешка и Велс ќе биде хендикепиран и ќе настапи без Адријан Мицевски, Драган Петровиќ и Мартин Тодоровски, тројцата отсутни заради повреда.
„После лошо одиграниот квалификациски турнир за пласман на Светско првенство, како повратник во репрезентацијата пред мене е голем предизвик, пред се да го вратиме победничкиот дух и атмосферата која во изминатите години ја красеше оваа селекција. Не смееме да бегаме од улогата на фаворити, иако сериозно е разнишана самодовербата кај играчите, но за мене тоа е дополнителен мотив да ја прифатам одговорноста и повторно да застанам на чело на репрезентацијата. Ни следат два интересни и возбудливи натпревари, но имајќи го во предвид квалитетот на селекциите, се чини дека битката за директен пласман во главната рунда ќе биде помеѓу нашата и норвешката селекција.
Иако на турнирот поради повреда ги немаме Адријан Мицевски, Драган Петровиќ и Мартин Тодоровски, сепак сметам дека сме доволно квалитетни да ја оправдаме фаворитската улога. Имаме повратници во тимот, но и тројца дебитанти, Јованов Јосиф, Лазар Пеев и Бериша Шефкет кои се надевам дека ќе ја оправдаат довербата и ќе дадат свои придонес“, изјави Васко Скендеровски.
Македонија ќе се сретне на 30 јануари со Велс и на први февруари со Норвешка. Со оглед на правилникот, право на грешка нема, бидејќи само една од овие три селекции ќе се квалификува во главниот циклуѕ од квалификациите.