Скендеровски: Победивме во голем меч, но не треба да влегуваме во еуфорија

Македонската футсал репрезентација на мечот со Словачка во Бари

Ден по победата на футсал репрезентацијата на Македонија против Словачка во квалификациите за Светското првенство, селекторот Васко Скендеровски вели дека победивме во голем натпревар и хоризонтите кои сега се отвораат, се огромни. Тој ги упати заслугите кон играчите, но потенцира дека не смее да бидеме во еуфорија, пред утрешниот меч со Молдавија.

„Конечно успеавме да славиме во голем натпревар. Победата значи дека влегуваме во кругот на големите селекции, во спротивно ќе останевме во некоја средина со репрезентациите кои секогаш за малку не успеваат да направат решавачки чекор. Игравме против силен противник, Словачка е репрезентација која има многу поголемо искуство од нас во вакви психолошки тешки натпревари. Одлично отворивме, имавме целосна контрола и доминација во играта. Штета што не постигнавме погодок во првото полувреме. За жал во продолжението рано примивме гол и тоа дополнително ни создаде притисок, но верував дека само со наметнување на брз ритам и чести замени можеме да се вратиме во игра и да победиме. Успеавме во таа намера, кон средината на второто полувреме постигнавме два гола за нецела минута, а потоа со добра тактичка поставеност ја задржавме предноста и славевме голема победа.

Сега не смееме да бидеме во еуфорија, ова е голем, но само еден чекор кон остварување на крајната цел, а тоа е пласман во баражот за СП 2016 година. Утре не очекува уште еден важен натпревар против Молдавија, нималку наивна репрезентација, пресметка во која треба да ги потврдиме нашите вистински вредности и со победа да ставиме печат на квалификациите“, изјави селекторот Васко Скендеровски на слободниот ден на турнирот во Бари.

Утре во 15.30 часот Македонија го игра натпреварот од последното, трето коло во квалификациите за СП против Молдавија.