Скендеровски: Ќе биде големо изненадување ако ја победиме Романија

Македонската футсач репрезентација, по минатонеделниот минимален пораз од БиХ со 2-1, вечерва против Романија во Скопје го игра вториот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство што идниот јануари ќе се одржи во Холандија.

Селекторот Васил Скендеровски очекува пред неговите избраници од 19:00 часот во СЦ „Јане Сандански“ да истрча многу силен противник, но верува оти македонската репрезентација со голема пожртвуваност и малку повеќе среќа отколку на премиерниот меч во Зеница би можела да го изненади фаворитот.

„Против Босанците не бевме инфериорни, напротив бевме „егал“ и имавме шанси, но не реализиравме пенал, а во финишот ја погодивме и стативата. Сега пред нас е уште потежок противник. Почетната „четворка“ на Романија е составена од Бразилци, кои се многу квалитетни и со големо меѓународно искуство. Реално, ќе биде големо изненадување ако дојдеме до позитивен резултат, но верувам дека со малку среќа, со срце и пожртвуваност ништо не е невозможно“, вели Скендеровски.

Во вториот меч од квалификациската група, Србија вечерва ја пречекува БиХ, која допатува во Нови Сад без тројца стандардни играчи поради позитивни тестови на ковид-19 по натпреварот со македонската репрезентација.