Скендеровски: Денешниот натпревар ќе биде најважен за нас

Македонската футсал репрезентација денес мора да издвојува победа против селекцијата на Словачка, доколку сака да остане во трка за пласман во баражот за СП. Пред натпреварот селекторот Васко Скендеровски уште еднаш го потенцираше значењето на овој натпревар, но и квалитетот на Словачка.

„Нè очекува иклучително тежок натпревар во кој нијанси ќе одлучуваат за тоа кој ќе ги освои трите клучни бодови за пласман во баражот за СП. Ние и пред почетокот на овој квалификациски турнир знаевме дека денешниот натпревар ќе биде најважен за нас, затоа и свесно ги штедевме силите на вчерашниот дуел против Италија. Словачка е противник за респект, кој вчера ги покажа сите свои квалитети и во една рутинска игра ја совлада Молдавија, која се покажа како противник кој не се предава до самиот крај на натпреварот. Имаат еден исклучително супер квалитетен играч, тоа е Драховски кој е алфа и омега на Словачка и ако успееме да го неутрализираме ќе бидеме многу блиску до успех. Се надевам дека оваа генерација конечно ќе се прикаже во вистинското светло и ќе направи еден резултат кој ќе биде за почит и респект“, изјави селекторот Скендеровски за официјалната страна на футсал клубот Железарец.

Во првиот натпревар на овој турнир Македонија беше поразена од Италија со 6-1, а тимот на Словачка издвојува победа од 3-1 против селекцијата на Молдавија.