„Сите веруваме дека КМФ Велес ќе ги помине претквалификациите за ЛШ“

Македонскиот футсал првак КМФ Велес од утре ќе ги стартува натпреварите од претквалификациите во Лигата на шампионите. Домаќин на овој турнир ќе биде токму Велес, а во пресрет на натпреварите против Валета, Космос и Футсамба, раководството и капитенот Левески ги искажаа своите очекувања од следните предизвици. 

„Футсалот е спорт кој во Македонија се сака, мислам дека не очекува еден интересен турнир, сакам да се заблагодарам за финансиската поддршка од Агенцијата за млади и спорт и ФФМ, нашата мотивација е огромна и се надевам на успех односно освојување на првото место во овие претквалификации. Ние како домаќини ќе се погрижиме организацијата на турнирот да биде беспрекорна“, изјави првиот човек на клубот Бојана Скендеровски. 

Тренерот Стефановски вели дека, иако конкуренцијата е многу тешка, првото место им е приоритет на сите и се надева дека неговите момци ќе успеат во оваа задача. 

„Екипите што ни гостуваат се квалитетни, Космос од Талин е физички добро подготвена eкипа, доаѓа од земја која нема голема футсал традиција но има квалитет и ќе бидат тежок противник. Екипата од Ирска ни преставува енигма, немаме многу информации за нив, но доаѓа од земја која има футсал традција, претпоставуваме дека има квалитет. Најсериозен противник за нас ќе биде екипата на Валета од Малта, во која има многу странски играчи, имаат тројца играчи од Грузија, двајца од Србија и по еден од Шпанија и Колумбија. Мислам дека тие ќе ни бидат најголема пречка за освојување на првото место во овие претквалификации. Ние се подготвуваме добро, сите играчи се подготвени, првото место ни е приоритет и се надеваме дека ќе успееме во оваа наша задача“, додаде Марјан Стефановски, тренерот на КФМ Велес. 

Капитенот Левески смета дека само една екипа ќе им претставува проблем на Велес, а тоа е Валета од Малта, која цели 45 дена се подготвуваше за овој турнир. 

„Првпат како клуб учествуваме во претквалификации, но имаме играчи со искуство кои настапувале во Лигата на шампионите. Од противниците мислам дека само екипата од Малта ќе ни преставува проблем. Тие се подготвуваат 45 дена за овој турнир, имаат седум странски играчи и репрезентативци на Малта и тие ќе ни бидат најтешка задача, а последниот натпревар го играме токму со оваа екипа  и ке биде решавачки. Имаме многу мотиви, нашите натпревари ги играме во среда, четврток и сабота од 20.00 часот  и ја замолуваме публиката да дојде да ни помогне во остварување на целта“, истакна капитенот Зоран Левески. 

Претквалификацискиот турнир ќе се одржи во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, а влезот за сите натпревари е слободен. 

Распоред:

Среда 29.08.2018:

17:30 Валета - Космос
20:00 КМФ Велес - Футсамба

Четврток 30.08.2018:

17:30 Футсамба - Валета
20:00 КМФ Велес - Космос

Сабота 01.09.2018:

17:30 Футсамба - Космос
20:00 КМФ Велес - Валета