Шпанија по пенал-рулетот го елиминира Казахстан и закажа финале со Португалија

Во вториот полуфинален натпревар на Европското првенство во футсал, репрезентативците на Шпанија дури по изведувањето на пеналите го совладаа Казахстан со 8-7. Натпреварот во регуларниот дел заврши 4-4, а по дополнителните десет минути на семафорот стоеше 5-5.

Во текот на целиот натпревар и двете екипи одиграа спектакуларно и со пресврти, па кој и да победеше немаше да биде незаслужено. Резултатот го отворија Казахстанците по голот на Тајнам во 8. минута, а тој резултат гласеше се до 16. кога по автоголот на Јесенаманов, Шпанија израмни на 1-1. Позитивниот момент „црвената фурија“ го искористи до крајот на првото полувреме и со голот на Толра на одмор замина со предност од 1-2.

Во вториот дел, Казахстан по головите на голманот Игуита и Таку во само една минута поведе со 3-2. Шпанија повторно возврати и преку Хозелито и Пола на шест минути до крајот имаше водство (3-4), но голот за продолженија го постигна Даглас Жуниор во 39. минута.

Во продолженијата, Шпанците беа тие кои ја имаа иницијативата, а тоа вроди со плод по само три минути игра, откако Мигуелин со силен удар донесе предност од 4-5. Шпанија по водството се чини ја имаше контролата на теренот, но по една грешка, во финишот Жаманкулов израмни на 5-5 и го внесе натпреварот во пенал-рулет.

Во изведувањето на казнените удари поуспешни беа Шпаниците, голманот Пако одбрани пенал во првата серија, а неговите соиграчи беа прецизни во сите три обиди и закажаа ново финале за „фуријата“.

Во финалето Шпанија за противник ќе ја има Португалија, додека Казахстан во битката за третото место ќе игра против репрезентацијата на Русија.