Шкупи со „петка“ во мрежата на Кардиф ги стартуваше квалификациите за ЛШ

Тимот на Шкупи на убедлив начин ги стартуваше квалификациите за Лигата на шампионите во футсал, кои се играат во нашиот главен град. 

Македонскиот шампион одигра според планираното и го „потопи“ велшкиот претставник Кардиф, кој на крај го совлада со високи 5-0 (2-0). По почетното надмудруваше, Шкупи блесна и за две минути даде два гола и го најави рутинскиот триумф. Резултатот го отвори Агуши во 10. минута, додека за 2-0 на полувреме се потруди Чека. 

И покрај сигурното водство, нашиот преставник не калкулираше во вториот дел и Глигоров погоди за 3-0, во 24. минута. Само неколку минути подоцна во листата на стрелците се запиша и Димоски, додека Чека со својот втор погодок ги постави конечните 5-0, разлика која донесе значајни бодови за македонскиот шампион. 

Чаирчани и покрај победата немаат многу време за славје, затоа што уште утре ги очекува нов дуел од групата Б. Следен противник ќе им биде Енкамп од Андора, тим кој денес во првиот натпревар загуби од летонскиот Даугавпилис со 7-3.