ВИДЕО: Шкупи го скокна ирскиот првак Блу Меџик и ќе игра плеј-оф за ЛШ

Македонскиот првак во футсал, екипата на Шкупи, успешно ја стартува новата сезона и со победа над Блу Меџик Даблин (3-0) од Ирска се пласира во плеј-офот за место во финалната фаза од Лигата на шампионите.

  • Извештај од натпреварот:

Чаирчани предводени од тренерот Зоран Лекиќ одиграа одлично и ги искористија шансите кои им се дадоа да дојдат до голови во мрежата на противникот. Шкупи ја искористи и предноста на домашен терен, па обезбеди место во 1/16-финалето од футсал-елитата. Противникот во наредната рунда ќе биде познат по ждрепка.

И двете екипи одиграа допадливо прво полувреме, во кое мрежата се тресеше само еднаш. Вкупно 26 удари, по 13 на двете страни, беа испратени кон голманите, а меѓу стативите на Шкупи одличен беше Бериша кој забележа значајни четири одбрани во 15 минути. 

Инаку, Шкупи дојде до предност во 6. минута од мечот во СЦ „Борис Трајковски“, благодарение на глупоста на противничкиот голман Вина де Соуза Сантош Кардозо. Чуварот на мрежата на Блу Меџик од Даблин го фаулира Агуши во казнениот простор, а судијата покажа пенал и му додели црвен картон.

Одговорноста ја презеде Сефери и донесе позитива за Шкупи. На стартот на вториот дел и двете екипи правеа притисок, а гостинот од Ирска беше повеќе отворен затоа што бркаше изедначување. Во средината на вториот дел, во 30. минута, по еден карамбол во казнениот простор, Соарес си постигна авто-гол и го потврди триумфот на Шкупи. Во финишот гостите се обидоа да фатат резултатски приклучок откако се решија за тактика без голман, ама одбраната на Шкупи одолеа, па на 13 секунди пред крајот погоди и Незир за конечни 3-0.

Ждрепката за 1/16-финалето ќе се одржи на 9 декември, а Шкупи ќе биде меѓу неносителите. Меѓу потенцијалните противници во оваа фаза се шпанските гиганти Барселона и Интер, португалски Спортинг и Бенфика, казахстански Каират...