Шкупи го порази и Даугавпилс и ќе игра во главните квалификации за ЛШ

Македонскиот футсал шампион, Шкупи испиша историја, откако за првпат во својата историја успеа да обезбеди главни квалификации за Лигата на шампионите. 

Тимот од Чаир одигра фантастичен турнир во Скопје, откако вечерва, иако му требаше реми против силниот Даугавпилс од Летонија, се реши да оди до крај и првите квалификации да ги заврши со максимални три победи. 

По лесните и убедливи победи над Кардиф и Енкамп, вечерва чаирчани наидоа на разигран Даугавпилс, но ниту тоа не им претставуваше проблем да слават минимална победа од 3-2, со која го потврдија првото место во групата. 

Со головите на Сефери во четвртата и Бериша во 15.минута, Шкупи поведе со 2-0, но гостите се вратија во игра и израмнија на 2-2. Сепак, Петровиќ во 35. минути беше на висината на задачата и го одведе својот тим до историска победа и успех во елитното натпреварување.