Шкупи го наполни Енкамп и ќе игра со Даугавпилс за првото место

Македонскиот претставник во Лигата на шампионите, екипата на Шкупи, оствари уште една убедлива победа во првата квалификациска фаза и во вториот меч на турнирот во Скопје беше подобар од Енкамп (11-1).

Во СРЦ „Кале“, чаирчани беа надмоќен ривал и ја запишаа втората радост. По првиот дел, резултатот беше високи 5-0, додека во вториот противникот немаше што да бара против разиграниот футсал-тим на Лекиќ.

Сулејман и Сефери дадоа хет-трик на оваа средба, Глигоров, Петровиќ, Шабани и Исмаили погодија по еднаш, а автогол си даде Сан Сегундо. Единствениот погодок за тимот од Андора беше дело на Неира.

По победите над Кардиф и Енкамп, Шкупи е лидер и го чека одлучувачки меч за првата позиција против Даугавпилс од Летонија. Мечот е закажан в недела.