Руската Угра е првиот финалист на футсал УЕФА Купот

Рускиот футсал тим Угра Југорск е првиот финалист на УЕФА Купот во футсал, чиј „фајнал-фор“ турнир  се одржува во малото место Гвадалахара, крај Мадрид во Шпанија. Угра во првиот полуфинален меч игран пред 2.000 гледачи го совлада португалскиот првак Бенфика со 7-6 по изведување на пенали, откако мечот во регуларниот тек заврши 4-4.

Лисков, Сињев, Афанасиев и Катата ги постигнаа головите за Угра во регуларниот тек, а Чакиња, Џеферсон и Патијас (два гола) беа стрелци за Бенфика. Во пенал рулетот единствено казнениот удар не го реализира Хемни од Бенфика. За екипата на Угра одличен меч одиграа натурализираните руски репрезентативци Робињо и Едер Лима, кои асистираа при сите четири гола.

Противник во утрешното финале на рускиот футсал првак ќе му биде поуспешниот од второто полуфинале помеѓу шпанскиот Интер Мувистар на Рикардињо и Пескара.