Рикардињо е МВП на Европското првенство во футсал

Португалскиот волшебник, кој клупскиот фудбал со години го игра во Шпанија во Интер Мувистар, Рикардињо е прогласен за МВП на Европското првенство во футсал, кое вечерва заврши во „Стожице“ во Љубљана. 

Рикардињо го снајде истата судбина како Кристијано Роналдо во финалето на Европското првенство во фудбал во Франција во 2016 година. Лидерот на Португалците се повреди во екстра-времето и не го дочека крајот на теренот.

Сепак, Рикардињо уште во првата минута ги доведе Португалците во водство и цело време како лидер диригираше на теренот во победата над Шпанија со 3-2 по продолженија. Легендата на светскиот футсал со 23 гола е најдобар стрелец во историјата на Европските првенства.