Разочарување во Скопје: Футсалците загубија и од Косово

Футсал репрезентацијата на Македонија ги загуби шансите за пласман во наредната фаза од квалификациите за СП 2020, затоа што во вториот дуел изненадувачки загуби од Косово (5-7), селекција која влезе во втората рунда од претквалификациите.

Македонија важеше за фаворит на хартија, но го загуби натпреварот во самиот финиш, кога прими два брзи гола. Ова е втор пораз за нашиот национален тим во квалификациите, по стартниот од Словенија, па шансите за наредна рунда веќе не постојат и дуелот со Украина ќе биде само од ревијален карактер за нас.

Косовците први го отворија дуелот и поведоа преку Руковци уште во првата минута, за две минути подоцна, Македонија да возврати и да изедначи преку Крстевски. Само дваесетина секунди подоцна гостинот ја врати предноста со гол на Маџхарај, а Алај во 12. минута даде трет гол во мрежата на Петровски, за 1-3.

Во петнаесеттата минута од мечот, Исмаили намали на 2-3, па Ќерими стрелаше за Косово за 2-4, а по паузата, Македонија го даде најдоброто и направи целосен пресврт. Три гола во серија постигнаа нашите футсалци, преку Зибери (21'), Агуши (25') и Мицевски (27'), за предност од 5-4, а драмата ја најави Пренчи, кој во 33. минута донесе 5-5 во СЦ „Јане Сандански“.

Во последните минути од мечот притисокот од Косово беше голем, а тоа донесе погодок во 38 минута и 48 секунда, преку Ќерими, кој доби топка од Алај, го мина Левески и шутираше во горниот дел од голот на Петровски. Македонија потоа се отвори, нападна со сета сила, а тоа донесе уште еден гол за Косово, преку Топила, за конечни 2-7.

Во последното коло футсал репрезентацијата игра со Украина, а мечот е закажан за два дена.