• Зоран Мишевски
Викендов започнува пролетната полусезона во Првата македонска футсал лига. Екипата на Кеги Моби во првото пролетно дерби ќе го пречека составот на Црна Река од Кавадарци.
„Стартуваме во новава година со нови сили, знаеме веќе кој сме што сме и до каде ни се очекувањата и силите во овоа првенство, далеку посериозно од почетокот на првенството кога оваа Прва футсал лига за нас беше еден новитет каде мислевме дека ќе ни биде малку потешко да се снајдеме. Составот кај нас е со мало подмладување од страна на Христијан Ристовски Пикси и Анѓел Гаштев но ќе видиме времето ќе покаже дали и дечките ќе бидат како појачување за нас после укажаната шанса“, изјави Кирил Ивановски од КМФ Кеги Моби.
Во првиот дел од сезоната Кеги Моби го совлада кавадаречкиот клуб со високи 2-6. Иако составот на Црна Река се наоѓа во долниот дел од табелата, велешани сепак со респект кон гостинскиот тим.
„Нивниот тим имаме сознанија дека е појачан со двајца прилично искусни играчи не толку во футсалот колку во турнирскиот фудбал, кои ќе го подмладат нивниот состав после долги години знаејќи дека нивниот тим е долги години непроменет и играат играчи кои добро се познаваат и се од кавадаречкиот реон. Целосен респект за долгогодишниот прволигаш КМФ Црна Река од наша страна ќе бидат пречекани како што доликува за два тима кои се познаваат доволно добро“, заврши Ивановски.
Натпреварот ќе се одигра во салата „Гемиџии“ во Велес со почеток од 19:00 часот.