Португалија се загуби во „ВИП-арената“, но на крајот дојде до реми против храбрата Македонија!

Футсал-репрезентацијата на Македонија на вториот пријателски меч во рамки на турнирот „Скопје 2016“ одигра 2-2 (1-0) со силната Португалија. Противникот долго време беше инфериорен на паркетот, меѓутоа, на крајот пресуди искуството и далеку подобрата физичка подготовка. Избраниците на Божовиќ имаа водство од 2-0, меѓутоа, во последните 10 минути ја загубија концентрацијата и воедно и натпреварот.

Македонците уште на самиот старт на натпреварот покажаа дека не се плашат од далеку повисокорангираниот противник. Најпрво, се закани Глигоров, но голманот Бебе беше на висината на задачата, а потоа, истиот фудбалер повторно шутираше, но голманот на Португалците ја испружи ногата и изби во аут. Исто така, во продолжението од мечот шанса имаше и капитенот Левески, но не ја искористи.

Првата сериозна прилика Португалија ја имаше дури во 10 минута преку Марсио, но стативата беше сојузник на Петровски. Веднаш потоа, Македонија успеа да постигне гол преку Драган Петровиќ, по една одлична акција на нашите футсалци, а пред финишот на првото полувреме Марсио имаше шанса да изедначи, но Петровски беше на висината на задачата.

На стартот на вториот дел, поточно во 7. минута Македонија пропушти прекрасна шанса да поведе со 2-0, откако Глигоров шутираше над голот, по една одлична акција предводена од Левески, но истиот футсалец се „извади“ неколку минути подоцна, кога вторпат ја стресе мрежата на големиот фаворит и го удвои водството на нашата земја. Но, Португалците не се предадоа така лесно, па во финишот дојдоа до реми. Најпрво, погоди Андре Коелјо, а на 3:40 до крајот Кардинал ја искористи грешката на нашата одбрана и изедначи на 2-2.

За Македонија ова е второ реми на „Скопје 2016“. Претходно, нашата селекција ремизираше против БиХ (2-2). Победник на турнирот е селекцијата на Португалија, која има една победа и едно реми, а на второто место е нашата земја, со две нерешени исходи. Трета е репрезентацијата на БиХ, со само еден бод, освоен во дуелот против Македонија.