Португалија е нов ЕВРОПСКИ ШАМПИОН во футсал, по продолженија совладана Шпанија

Во финалето на 11. Европското првенство во футсал, репрезентацијата на Португалија, во реприза на финалето од 2010 година, му се реваншираше на бранителот на трофејот Шпанија и ја совлада со 3-2. Натпреварот во регуларниот дел и дополнителните десет минути заврши 2-2.

Првото полувреме беше изедначено, со тоа што и двете репрезентации имаа свои периоди на доминација, па резултатот 1-1 по 20 минути беше сосема реален. Португалците поведоа веднаш на стартот по голот на Рикардињо, а голот за 1-1 го постигна Толра во 19. минута.

По одморот шпанските фудбалери беа тие кои ја имаа иницијативата, но Португалците умешно се бранеа. На осум минути до крајот, по одлично изведениот слободен удар на Мигуелин, кој мудро асистираше до Лин, „фуријата“ поведе со 2-1.

На пет минути до крајот Мигуелин имаше шанса да стави точка на натпреварот, но неговиот обид од казнен удар (поради шест акумулирани фаули) заврши само во стативата. Казната за пропуштената шанса ја искористи Бруно Куељо на две минути до крајот и израмни на 2-2 за да го внесе натпреварот во продолженија.

Во двете продолженија по пет минути се играше претпазливо, а Португалците на почетокот на второто продолжение останаа без Рикардињо, кој заработи незгодна повреда на зглобот. На една минута до крајот Шпанија направи прекршок, кој воедно значеше и казнен удар, а голот кој на крајот значеше и титула европски шампиони за првпат во историјата на Португалија, го постигна Бруно Куељо.

Рекордер на европските шампионати според бројот на титулите останува Шпанија со вкупно седум трофеи, Италија на двапати беше европски шампион, а покрај Португалија, титулата еднаш ја освои и Русија.