Македонија преку Грција зачекори кон квалификациите за СП

Репрезентацијата на Македонија во футсал одигра фантастично прво полувреме, но ужасно второ, во првиот натпревар од претквалификацискиот турнир за Светското првенство, кој се игра во Скопје. Иако сите очекувавме лесна и убедлива победа над Грција, сепак нашите момци за малку ќе направеа од готово – вересија, откако победа обезбедија во самиот финиш од мечот (5-3), иако на полувреме водеа со убедливи 3-0. 

По неколкуте полушанси на нашите момци, во 3. минута проработи врската Андов-Леовски, и Македонија заслужено поведе со 1-0. И покрај раното водство, избраниците на Божовиќ не отстапија од офанзивната игра и нови можности пропуштија Глигоров и Ангелов. 

На другата страна пак, Грција по почетниот шок дури во 6. минута конечно врзаа неколку додавања и за првпат се закани кон македонскиот гол, обидите на Нтарлас и Асимакопулос беа неуспешни. 

По добриот период на грчките фудбалери, следуваше нов блесок на Македонија, која не дозволи иницијатива на противникот и на асистенција на Крстевски на 2-0 зголеми Зибери. Неколку минути подоцна на висината на задачата беше и Левески, па Македонија на одмор замина со комотно водство од 3-0. 

Во вториот дел интензитетот на играта спласна, Македонија искусно го чувеше водството, но само до 30. минута, кога концентрацијата во нашата одбрана падна и Грција со три брзи гола за само пет минути стигна до израмнување од 3-3. Стрелци на головите беа Ставрокопулос и Тарлас (2). Сепак, во клучните моменти од мечот, односно во самиот финиш, Крстевски беше најприсебен и со два гола донесе мир во тимот и конечна победа од 5-3. 

Во првиот натпревар од нашата група, селекцијата на Албанија убедливо со 5-0 го совлада Сан Марино. Во следното коло, кое на програмата е утре, Македонија ќе се судри со Сан Марино, додека противник на Грција ќе ѝ биде Албанија.