Младеновски делегиран за финалето на ЕП У19 во футсал

Македонскиот интернационален судија, Марјан Младеновски, доби огромна чест и ќе биде дел од арбитрите делегирани за финалето на Европското футсал првенство за играчи до 19 години. 

Младеновски беше дел од одбраната група судии, веќе ја делеше правдата на два натпревари во групната фаза меѓу Португалија и Полска, како и на мечот на Полска со Франција. Сега, македонскиот арбитар ќе биде дел од финалниот натпревар во кој силите ќе ги одмерат домаќинот Шпанија и Португалија. 

Ова е огромна чест и призание за Младеновски и неговата кариера. Освен на футсал терените, судијата е дел и од фудбалските натпревари под капата на ФФМ, па Младеновски често дели правда и во ПМФЛ. 

Финалето на Европското футсал првенство е закажано за в сабота од 19:00 часот во „Оливо Арена“ во шпанскиот град Хаен.