Македонија со нетрпение го чека претквалификацискиот турнир, императив се три победи и прво место

Македонската футсал репрезентација во периодот од 31 јануари до 3 февруари ќе ги одигра натпреварите во рамки од претквалификацискиот турнир за пласман во Елитна рунда квалификации на Светското првенство.

Капитенот Зоран Левевски посакува солидно издание и оправдување на фаворитската улога.

„Македонија е фаворит на овој турнир во Скопје и ќе се обидеме таа улога да ја оправдаме. Уште повеќе затоа што првото место во групата носи пласман во втората квалификациска рунда која се игра во Украина, против домашната селекција, Словенија и уште една репрезентација која ќе избори место преку предквалификациски турнир. Сметаме дека „украинскиот пат“ е далеку подобар за нас, отколку групата на која домаќин е Романија и кадешто Казакхстан е апсолутен фаворит. Во однос на нашиот дел од работата за претстојниот турнир, сметам дека треба да отвориме со победа против Грција, која реално е послаба селекција, Сан Марино е аутсајдер, додека клучен за првото место би требало да биде дуелот против Албанија. Иако според рејтинг се послаби од нас, треба сериозно да ги сфатиме бидејќи имаат квалитетни играчи, двајца во италијанската втора лига, но се надевам дека ќе одиграме зрело и организирано и ќе стигнеме до зацртаната цел, а тоа е прво место во групата“ , вели капитенот Левевски.

Селекторот Иван Божовиќ се надева на три победи и прво место на турнирот во Скопје.

„Групата е добра, можеме да се надеваме на прво место, иако нема да биде воопшто лесно. Сан Марино е аутсајдер, Грција е со подмладена репрезентација и нов селектор и тука мислам дека треба да одработиме без големи проблеми. Главната битка ќе ја водиме против Албанија која има квалитетен состав, речиси сите во тимот на албаниците се интернационалци, а засилени се и со бразилец. Во нашиот тим ќе недостасуваат Данило и Мицевски поради повреди, но сметам дека колективот ќе биде на висина на задачата и ќе успееме да оствариме три победи со што би се пласирале во следната рунда која се игра во Украина, а тоа е поповолно за нас, отколку да одиме на мегдан во Романија, против домашната селекција и големиот фаворит Казакхстан“ ,  се надоврза македонскиот селектор.

Првиот противник за Македонија ќе биде Грција на 31 јануари, потоа следува дуел со Сан Марино на 1 февруари, а третото коло ни ја носи Албанија за крај на турнирот.