Македонија си „поигра“ со Сан Марино и обезбеди квалификации за СП

Футсал репрезентацијата на Македонија ја оствари зацртаната цел и успеа да се пласира во квалификациите за Светското првенство во Литванија. Нашите момци на претквалификацискиот турнир во Скопје, извојуваа нова победа, која беше доволна за понатамошен пласман. 

По сигурната победа над Грција (5-3), вечерва на убедлив начин беше совладана селекцијата на Сан Марино, која беше тотално надиграна и на крај поразена со убедливи 7-0 (5-0).

Избраниците на Божовиќ уште од самиот старт беа решени да го „растурат“ противникот и прва радост донесоа по само две минути игра, откако за водство од 1-0 се погрижи Зибери. 

Сан Марино само што тргна од центарот, Македонија со голот на синоќешниот херој Крстевски поведе со 2-0, додека до крајот на првиот дел стрелаа уште Глигоров, Сефери и Андов за сигурни 5-0 по 20 минути игра. 

Во второто полувреме продолжи доминацијата на нашите репрезентативци, но потфрли реализацијата. Леовски во 22. минута зголеми на 6-0, додека конечниот резултат го постави Левески. 

Во првиот денешен натпревар во Скопје, Албанија со 5-3 славеше над Грција, со што заедно со Македонија патува во елитните квалификации. Утре, на програмата е последното коло, во кое Македонија и Албанија ќе играат за првата позиција во групата.