Македонија подготвена за футсал-предизвикот со Португалија и БиХ

Футсал-репрезентацијата на Македонија денес (18.00 часот) го стартува пријателскиот турнир „Скопје 2016“ кој во главниот град ќе се игра од 5 до 7 декември. Жолто-црвените за противници ќе ги имаат селекциите на Португалија и Босна и Херцеговина, кои ќе бидат одлична подготовка за квалификацискиот циклус за ЕП кое ќе се игра во Словенија.

Васко Скендеровски, директорот на футсал-репрезентацијата вели дека не очекуваат интересни натпревари, полни со воздубувања, а дополнителен магнет за публиката би требало да биде гостувањето на најдобриот футсал-играч, Рикардињо.

„Овие три дена сигурно ќе следиме интересни натпревари. Репрезнтацијата на Босна и Херцеговина е селекција од наш калибар, додека Португалија е тим составен од суперѕвезди. Секогаш целат на првото место, и на ЕП, и на СП. Чест ни е што ќе играме со репрезентација која е во самиот врв на европскиот футсал. Сигурен сум дека публиката која ќе присуствува на натпреварите во СЦ „Борис Трајковски“ ќе гледа квалитетен футсал и ќе ужива“, изјави Скендеровски.

Свој збор пред пријателските мечеви даде и Драган Петровиќ, кој се надева на добра презентација на нашата земја на двете средби.

„Дуелите со Португалија и БиХ ќе бидат одлична подготовка за циклусот за ЕП кој се игра во Словенија. Се надеваме на добар резултат во двата дуела, да се прикажеме во одлично светло и пред се - да нема повреди. Да го извлечеме најдоброто од нас. Португалија сигурно е голем предизвик за нас, затоа што е една од најдобрите во Европа. Чест ни е што ќе играме со неа, се надевам дека ќе дадеме добар отпор на дуелот“, вели Петровиќ.

Пријателскиот турнир го отвораат Македонија и БиХ, со меч од 18.00 часот. Утре (6 декември) од 17 часот играат Португалија и БиХ, додека на 7 декември од 17.00 часот се среќаваат Македонија и Португалија. Билетите за футсал-турнирот се веќе пуштени во продажба и за трите дена чинат 100 денари.