Македонија ќе има судија на ЕП У19 во футсал во Рига

Македонија ќе има претставник меѓу арбитрите на Европското првенство (ЕП) за футсалци до 19 години кое ќе се игра во Рига, Летонија.

Нашиот Марјан Младеновски на континенталниот собир ќе биде еден од главните арбитри. За него ова е прво искусво на едно ЕП и вели дека му претставува огромна чест што ќе има шанса да суди во ова натпреварување.

„За мене ова е прво искуство на едно Европско првенство и навистина ми е чест што ја претставувам нашата држава и Фудбалската федерација на Македонија. На овој собир учествуваат осум репрезентации и се надевам дека иако сум најмлад меѓу судиите, можам да бидам дел и од финалната фаза. Оваа прилика ја користам и да им посакам многу среќа и успех на А репрезентацијата на Македонија која исто така се подготвува за пресметката со Летонија во Рига”, изјави Младеновски.

Прв натпревар за нашиот Младеновски ќе биде меѓу екипите на Хрватска и Шпанија.