Левески: Светското првенство за нас е далеку, не сме на посакуваното ниво

Македонската футсал репрезентација обезбеди пласман во квалификацискиот филтер за пласман на Светското првенство. Во претквалификациите, нашите најдобри репрезентативци забележаа три победи, над Грција, Сан Марино и Албанија, триумфи кои го радуваат капитенот Зоран Левески.

Еден од најискусните играчи во нашиот национален тим вели дека минувањето на групата како првопласирана селекција е задоволително, но, истовремено потенцира дека Македонија е далеку од Светското првенство и од посакуваното ниво на игра.

„Освоивме девет бода и освоивме прво место, тоа беше и нашата цел. Со Грција и Сан Марино дојдовме до лесни бодови, а добро беше што имавме и подобра гол-разлика од Албанија пред меѓусебниот дуел, затоа што ни одговараше реми за прво место и група во Украина. Последниот меч со Албанците го отворивме добро, но подоцна две наши грешки му дозволија на противникот да направи пресврт. Не се предадовме, дадовме два гола, дојдовме до нов пресврт и победивме. Нашата екипа не е на рамништето на кое што треба да биде, но се надевам дека во наредните квалификации ќе бидеме подобри и покомплетни. Ако сме реални, Светското првенство за нас е многу далеку. Има уште многу да се игра. Идејата е во следните квалификации да се освои што е можно повеќе бодови, за да дојдеме до повисок коефициент на ждребот за квалификациите за Европското првенство. А ако ни се даде шанса, ќе се обидеме да направиме и чекор напред“, изјави Левески.

Македонија сега во квалификациската фаза ќе игра со Украина, Словачка и Косово, во група на која домаќин ќе бидат Украинците и која ќе се игра во октомври. Најдобрите две селекции ќе одат во елитната фаза, а таму, најдобрата селекција ќе патува на Светското првенство, додека второпласираните ќе играат бараж.