Левески: Со правилен пристап и трпеливост имаме шанси против Словенија

Македонската футсал репрезентација вечерва ги започнува натпреварите на претквалификацискиот турнир за пласман на СП 2020. Прв противник на турнирот во Скопје ќе ни биде Словенија.

Капитенот на нашиот национален тим Зоран Левески пред мечот повика на трпеливост и чекање на шанса против словенечката репрезентација.

„Свесни сме каков натпревар не очекува вечерва против Словенија. Овие неколку денови од подготовките работевме напорно и ќе се обидеме силно да се спротивставиме на Словенија и покрај проблемите со повреди на одредени наши играчи со кои се соочуваме. Треба од почеток да бидеме трпеливи и да ја чекаме нашата прилика, но и доволно агресивни, посебно во одбрана. Верувам дека имаме шанса против Словенија, од нас може да очекувате труд и големо залагање. Атмосферата во репрезентацијата е на високо ниво, одлично се познаваме во тимот, заедно сме неколку години и се надевам дека со правилен пристап ќе одиграме добар натпревар“, изјави капитенот Левески. 

Сите натпревари ќе се одиграат во главната сала на СЦ „Јане Сандански“ . Турнирот денес ќе го отворат Косово и Украина, кои ќе бидат наши противници утре и в недела.

Натпреварот Македонија - Словенија се игра во вечерниот термин од 20:30 часот.