Лесни гостински победи за футсалците на Шкупи и Велес

Овој викенд беа одиграни само три натпревари од редовното 17. коло на Првата македонска футсал лига. Најдраматично беше во Тетово, каде Шкендија извојува победа против соседниот ривал Јувентус Серава со 10-8.

Второпласираниот КМФ Велес лесно славеше во Штип против Астибо со 0-8 и ја продолжи потрагата по лидерот Шкупи.

Чаирчани со полн плен се враќаат од Кавадарци, каде го надиграа тимот на Црна Река со 1-4. Со 16 победи и еден пораз Шкупи е неприкосновен лидер во шампионатот, со четири бода повеќе од велешани.

Натпреварот Гемиџии - Ск Проект-Цико ќе се одигра в петок на 1 март, а дуелот на Железарец и Кратово е одложен заради активностите на кратовчани по повод празникот на градот.