Крај на импресивната кариера: Дарко Ранготов го одигра последниот меч за репрезентацијата!

Капитенот на националната футсал селекција Дарко Ранготов објави дека ја завршува својата долгогодишна и крајно успешна репрезентативна кариера. Ова го потврди на својата фејсбук страна и клубот во кој настапува КМФ Проект.

На последниот натпревар кој го одигра во дресот на Македонија постигна два погодоци против Шведска, на дуелот за пласман за Светското футсал првенство во 2024 година, во победата на Македонија од 3-1. Пред почетокот на средбата доби признание од ФФМ за неговиот огромен репрезентативен придонес.

Статистички, Дарко Ранготов за националниот футсал тим одигра 111 натпревари, на кои постигна 50 погодоци. И неговата клубска кариера е импресивна. Во домшното футсал првенство ги носеше дресовите КМФ Велес, КМФ Гемиџии од Велес, КМФ Хедис, КМФ Железарец, а во моментов е играч и капитен на КМФ Проект. Покрај во домашното футсал првенство, како интернационалец кратко играше во Либан и две успешни сезони во екипата на Сквер од Дубровник. На клубско ниво, екипно освои шест шампионски титули, како и пет Куп-трофеи, а од ФФМ еднаш беше прогласен за најдобар футсал играч во Македонија.

Велешанецот е еден од најконстантните и најдобри македонски футсалци во историјата. Зад себе остава бројки кои се пример за помладите кои треба да го заменат.