„Кога децата ќе прашаат што е футсал, сакам да им се одговори дека тоа е Рикардињо“

Рикардињо

Можеби најдобриот футсал играч во историјата Рикардињо вчера повторно ја одушеви спортската јавност со неговиот вонсериски потег во финалето на Купот на Шпанија.

Португалскиот магионичар со „малата“ фудбалска топка, кој несомнено е идол на секој млад вљубеник на футсалот по поразот во финалето најави дека размислува за пензионирање од репрезентативниот дрес, за да има повеќе време да им посвети на својот клуб Интер, како и на фамилијата. 

„Веднаш по завршувањето на ЕП размислував за пензионирање од репрезентативниот дрес. Долго време сум далеку од мојата фамилија и децата. Сакам да им посветам повеќе внимание, како и на мојот клуб. Ако не ја напуштам португалската репрезентација сега, тоа ќе биде пред или по следното СП. Но, исто така сакам еден ден кога децата во Португалија ќе прашат што е футсал, да им се одговори дека тоа е Рикардињо“, вели футсал ѕвездата. 

Рикардињо беше предводник на својата репрезентација во освојувањето на првото злато од едно ЕП, откако пред месец дена Португалија триумфираше на европскиот собир во Словенија.