КМФ Проект пред дербито со КМФ Арбен Бајрами, доби посебно признание и ланскиот шампионски пехар

Актуелниот футсал шампион на Македонија, КМФ Проект вчера го доби шампионскиот пехар од минатата сезона пред својата публика. Покрај тоа, оваа екипа се закити и со најголемото признание во Валандово, по повод на денот на градот „Шестоноемвриска награда“. Советот на општината му додели признание на клубот поради афирмација и добро претставување на градот. Така, заедно со примената награда во Валандово беше организирано и прифаќањето на шампионскиот пехар од страна на Фудбалската федерација. 

Сè ова се случи како припрема за дербито против најголемиот ривал во лигата, КМФ Арбен Бајрами и заврши со триумф на КМФ Проект од 5-2 (1-2). 

Првото полувреме започна и заврши неповолно по домашната екипа. КМФ Арбен Бајрами започна мотивирано, со ориентација на контри и чекање на грешки на КМФ Проект. По една таква акција и пресечена топка гостите уште на стартот реализираа за 0-1. Набргу потоа по еден брз напад на Проект и удар од дистанца, Мартин Мехмединовиќ биеше прецизно за израмнување на 1-1. Но, следуваше одземена топка на средината од КМФ Арбен Бајрами и повторно од контра поведе. Оттогаш домаќините ја презедоа комплетната иницијатива, но и покрај повеќето изгледни шанси за гол, од кои најголема беше нереализираниот пенал од шест метри во финишот на првиот дел, до промена на резултатот не дојде, а гостите го завршија првото полувреме со водство од 1-2.

Во вторите дваесет минути драстично се променија работите на теренот. КМФ Проект продолжи со нападите и креирањето на шанси, а гостите не делуваа толку сигурно и се повеќе губеа концентрација. На почетокот од вториот дел, Александар Михајлов со шут од дистанца израмни на 2-2. Многу бргу потоа, Драган Петровиќ со убав волеј удар стрелаше за прво водство на домаќинот КМФ Проект (3-2). Четвртиот погодок за КМФ Проект го постигна Мирче Стојанов, додека конечните 5-2 ги постави Иван Крстевски на асистенција од Димче Андов.