Јакупи: Имаме една цел, тоа е наредна фаза на ЛШ

Македонскиот футсал-првак Шкупи е подготвен за предизвикот наречен Лига на шампиони. Од 28 до 31 август, Скопје ќе биде домаќин на натпреварите, а ривали се екипи од Велс, Андора и Летонија.

На прес-конференцијата за настанот покрај тренерот Зоран Лекиќ зборуваше и капитенот на чаирчани, Берат Јакупи.

„Како што кажа нашиот тренер, ние како клуб се подготвувавме за настапот во ЛШ повеќе од еден месец и ги знаеме противниците. Имаме една цел, тоа е да ја минеме оваа прва фаза. Верувам во победа на секој натпревар и знам дека имаме капацитет да си ги оствариме замислите. Се надевам ќе добиеме поддршка и од навивачите кои се нашиот шести играч“, изјави Јакупи.

Натпреварите од квалификациите за Лигата на шампионите ќе се играат во салата СРЦ „Кале“.