Италија го уништи сонот на Македонија за испишување футсал историја

италија футсал

Иако никој не очекуваше, во вториот меч од денешната програма во нашата група, футсал тимот на Италија загуби со 2-1 од Словачка. Италијаните на полувреме имаа водство од 1-0. Од овој натпревар зависеше судбината на нашата репрезентација, која ќе се пласираше во завршните натпревари за пласман на Светското првенство во Колумбија, доколку Словачка загубеше или одиграше нерешено со фаворитот Италија.

Италија уште во втората минута го отвори резултатот, на радост на избраниците на селекторот Скендеровски. Словаците на голот имаа расположен голман кој не дозволуваше неговата репрезентација да има поголема негатива. Успеваа да одолеваат на нападите на Италија, за да во 29. минута со голот на Беланик изедначат на 1-1, а само две минути подоцна истиот фудбалер му донесе целосен пресврт на својот тим. До крајот Италијаните не успеаа да го изедначат резултатот со што би ни овозможиле историски пласман во бараж натпреварите за пласман на Мундијалот во Колумбија.

На крајот нашата репрезентација со 6 освоени бода, исто колку што имаа и Италија и Словачка, го освои третото место поради полоша гол разлика, која се должи на убедливиот пораз од Италија со 6-1 во првото коло. Со ова се покажа дека победата против Молдавија денес од 5-2 и против Словачка во петокот од 2-1, не беа доволни за историскиот успех. Сепак се зависеше од „азурите“ кои на крајот одиграа за Словаците, а го уништија сонот на нашите футсал репрезентативци.