Историја во Бари: Македонија ја победи Молдавија, се чека кикс на Словачка

Македонската футсал репрезентација слави по мечот со Молдавија

Футсал репрезентацијата на Македонија испиша историја. Нашите репрезентативци одговорија на предизвикот и одлично се справија со притисокот, победувајќи ја Молдавија со 5-2 (2-0).

Уште од самиот старт покажавме, кој има поголема желба за победа. Со неколку одлични акции, уште во првите пет минути, македонските футсал репрезентативци наметнаа свое темпо на натпреварот. Доминацијата во првото полувреме беше крунисана со два гола. Најпрво, за почетно водство погоди Петровиќ во 12. минута, за три минути подоцна, Леовски да ја дуплира предноста на Македонија. Со 2-0 се отиде на одмор.

Вториот дел ништо поинаков. На Глигоров му требаа само 14 секунди за да се запише во листата на стрелци и да ја однесе Македонија на високи 3-0. Во тој момент, Молдавците како да се созедоа и почнаа да ја преземаат контролата над играта. Во 25. минута, Негара стрелаше за 3-1. Тоа беше се што молдавските репрезентативци успеаја да направат. За победата да биде поубедлива, се погрижи Мицевски, со гол на две минути пред крајот, за 4-1. Во последните неколку минути беа постигнати неколку гола. Најпрво, Даниел зголеми на 5-1, за конечните 5-2 да ги постави Ласку.  

Со оваа победа, Македонија сега има 6 бода, и ќе чека кикс на Словачка против Италија, во натпревар во кој Словаците се аутсајдери против „азурите“.