Ибиши ќе му асистира на Скендеровски во футсал репрезентацијата

Орхан Ибиши, поранешниот македонски репрезентативец и трофеен играч во Железарец, Бамбо Приштина, Јувентус Серава, албанска Едро Валона, Шкупи, Беса и Приштина Мабетекс е назначен за асистент на селекторот на А футсал репрезентацијата, Васко Скендеровски.

„Убеден сум дека ќе имаме одлична соработка со селекторот Скендеровски. Заедно работевме во Железарец, освојувавме трофеи, бевме дел од Лигата на Шампиони и се надевам дека таа енергија ќе ја пренесеме и во заедничка работа со А селекцијата. Уште повеќе што со играчите во тимот се познаваме одлично и долги години игравме заедно.

Наша прва цел е добра подготовка за двата дуели со Англија за пласман во главната фаза од квалификациите за ЕП. Македонија има квалитет да се избори за победа, иако во изминатиот период имавме и резултати кои не соодветствуаат на нашиот рејтинг. Тука сум да помогнам и се надевам дека мојот придонес ќе биде во функција на остварување подобри резултати на репрезентацијата“, изјави Ибиши.

Баражот за ЕП против Англија е предвиден да се игра во месец октомври, 2021 година.