Хисеини пред дебито со Форца во ЛШ: Фаворити сме за место во следна рунда

Македонскиот футсал првак Форца ги доби ривалите во квалификациите од Лигата на шампионите. Во групата на која нашиот претставник ќе биде домаќин, тимот ќе се соочи со Титоград од Црна Гора, Даблин од Ирска и Ренџерс од Малта.

За Форца ова ќе биде прв настан од ваков калибар. Тренерот кој го води освојувачот на „двојната круна“ на домашната сцена, Газменд Хисеини, даде коментар по извлекувањето на паровите.

„Знаеме што не чека во ова натпреварување. Ние сме фаворити за пласман во следната рунда, но мора да го докажеме тоа на теренот. Првиот меч ќе биде со Титоград и фокусирани сме целосно на таа средба. Првпат сме дел од ЛШ и така сакаме да испишеме историја со Форца“, изјави Хисеини.

Во главната фаза од сезоната во Лигата на шампионите ќе се пласира само екипата која што ќе заврши на првата позиција на табелата. Натпреварите од овие претквалификации ќе се одржат од 20 до 25 август во Скопје.