• Горан Упале
Футсал екипите на Јувентус Серава и Гемиџии 1903 ќе се борат за првиот трофеј сезонава во Купот на Македонија. Двете екипи првпат ќе се соочат во финале од Купот на Македонија. Јувентус Серава во полуфиналето ја совлада Шкендија, додека Гемиџии 1903 беа подобро во пресметката со Црна Река.
„Го посакуваме трофејот, се игра само еден натпревар и тоа носи дополнителна убавина на финалето. Сè е можно до последната минута од дуелот и мораме да бидеме на максимално ниво доколку сакаме да победиме. Противникот може да биде опасен, а потврда за тоа е нивниот пласман во финалето. Можеби влегуваме како фаворити, но тоа мораме да го потврдиме и на теренот“, изјави Гафур Хасани, тренер на КМФ Јувентус Серава.
Претседателот на КМФ Гемиџии 1903, Томе Шескокалов се надева дека неговиот клуб може да го потврди резултатот од сезоната 2008/2009, кога Гемиџии славеа во Купот на Македонија.
„Иако годинава сме во втората лигашка конкуренција, сепак многу добро се познаваме со противникот, во минатото имаме неколку меѓусебни натпревари, но ова е различен натпревар. Финалето од Купот на Македонија е предизвик за сите, а нас ни е исклучително важно што ќе се бориме за трофејот. Го респектираме противникот, но јас се надевам дека ќе успееме да ја повториме сезоната 2008 кога нашиот тим славеше во ова натпреварување. Очекувам голема борба во фер и спортска атмосфера“, вели Томе Шескокалов, претседател на КМФ Гемиџии 1903.
Пресметката на финалистите ќе се одигра во спортската сала во Гостивар на 12 мај (сабота) со почеток во 19.30 часот.