Футсалците тргнуваат во борба за СП, прва желба е Елитната фаза

Македонската А футсал репрезентација го стартува претквалификацискиот турнир за пласман во Елитната рунда од квалификациите на Светското првенство.

Нашиот национален тим ќе биде домаќин на турнирот и ќе има добра шанса да оди во наредната фаза. Футсалците ги очекуваат три натпревари, во малата сала во СЦ „Јане Сандански“, а ривали се Грција, Албанија и Сан Марино.

Желба е да се дојде до три победи на три меча, а понатаму одат двете најдобри селекции во групата. Избраниците на Божовиќ се свесни за тоа и се подготвени по напорните подготовки да се носат со репрезентативниот предизвик.

Дуелите се отвораат вечерва (четврток) од 20:00 часот против Грција, додека на 1 февруари футсалците играат со Сан Марино. Третиот натпревар кој се очекува да биде клучен е на 3 февруари од 20:00 часот против Албанија.