Футсалците со убедлив пораз од Словенија тргнаа во циклусот за СП 2020

Футсал репрезентацијата на Македонија лошо стартуваше во квалификацискиот циклус за Светското првенство (СП) во 2020 година и на турнирот кој се игра на домашен терен, во првиот натпревар загуби од Словенија (1-6).

Селекторот Иван Божовиќ се соочи со големи проблеми и повреди на клучни играчи непосредно пред стартот на турнирот, а тоа беше евидентно во нашата игра. Словенија беше далеку подоминантна и направи исчекор кон едно од местата кои водат во наредната рунда.

Македонија поведе прва на натпреварот, со погодокот на Мицевски во 7. минута, но тоа беше се од нашиот национален тим. За две минути, во 12. и 13. минута, ривалот направи пресврт со голови на Осредкар и Зајц, а по паузата (1-2), на стартот погоди Чујец, за 1-3. Три минути подоцна, во 23. минута, стрелаше и Фидершек, додека Чех со два брзи гола во 30. и 33. минута ги постави конечните 1-6.

Во првиот натпревар од нашата група, Украина убедливо беше подобра од Косово (7-1). Следен дуел за нашите футсалци е закажан утре попладне, од 17:30 часот против Косово, додека последниот меч е на 27 октомври против главниот фаворит во групата Украина.