• Зоран Мишевски

Шампионот на Македонија во футсал, екипата на Шкупи денес ја почнува мисијата во последниот филтер пред групната фаза на Лигата на шампионите. Чаирчани веќе се во Макарска (Хрватска) и попладнево ќе дебитираат во групата 6 во главните квалификации во Лигата на Шампионите.
Со дуел од 18:00 часот против ерменскиот тим Лео, футсалците на Шкупи ќе проверат до каде им се можностите сезонава на европско тло. Утре следува натпреварот со Омонија од Кипар, а на 11 октомври нашиот првак се среќава со домашниот тим на Ново Време од Макарска. Само најдобриот во групата продолжува во елитната фаза.
Футсал шампионот на Македонија значајно се засили и со недели се подготвуваше само за овој настап. Иако е аутсајдер, македонскиот шампион потајно се надева дека ќе изненади некој од фаворитите.