• Сашо Поповски
Шесткратниот најдобар футсал играч на светот Рикардињо ја шокира шпанската јавност со изјавата дека на крајот од сезоната ќе си замине од екипата на Интер Мувистар.
Португалецот е подготвен за проект надвор од Шпанија, каде пристигна во 2013 година од редовите на Нагоја Оушнс. Неговиот талент често се споредува со оној на легендарниот Фалкао кој неодамна му кажа збогум на футсалот и замина во заслужена пензија.
„Сакам да кажам дека ова е мојата последна сезона во Интер Мувистар. Зборував со управата и мислам дека е време да заминам од овој клуб кој ми даде сè и ме натера да пораснам како играч и личност. Јас ќе продолжам да бидам професионален, ќе дадам се од себе до крајот на оваа година и ќе се борам да освојам сè што можам. Се уште не знам каде ќе ја продолжам кариерата...“, истакна 34-годишникот од Португалија.
Патувањето во Париз пред една недела како да го открива следниот клуб на Рикардињо. Многу веројатно е дека наредната сезона ќе го гледаме во францускиот шампионат, во клубот Аксес.