Футсал-спектаклот некомплетен: Рикардињо го откажа настапот во Скопје!

Футсал-репрезентацијата на Португалија на пријателскиот турнир „Скопје 2016“ нема да може да смета на својот најдобар играч, Рикардињо, кого скопската публика го очекуваше со големо нетрпение.

Најдобриот светски футсалец побарал да биде изоставен од составот за пријателскиот турнир, а селекторот Хорхе Брас го одобрил неговото барање. Информацијата за отсуството ја потврди и Васко Скендеровски, директорот на футсал-репрезентацијата кој жали што спектаклот во Скопје ќе биде без најголемата ѕвезда.

„Рикардињо чувствувал замор по настапите со неговиот Интер ФС во Шпанија, како и во Лигата на шампионите со неговиот клуб и побарал да биде изоставен. Секако, неговото барање било прифатено, иако јас и Хорхе Брас, мојот добар пријател кој е селектор на Португалија ги правевме сите напори ѕвездата да дојде во нашата земја. Жалиме што нема тој да биде овде, но сепак, тоа е негов избор“, вели Скендеровски.

Македонија на првиот футсал-меч против БиХ одигра нерешено (2-2), а предизвикот против Португалија е утре, од 17 часот. Билетите за дуелите се веќе пуштени во продажба и чинат 100 денари.