• Мартин Танасковски
Еден од најдобрите футсалци во историјата, бразилскиот ас Фалкао го одигра својот последен меч во дресот на Бразил. На Светското првенство „кариоките“ доживеаа неочекувана елиминација од Иран, но и покрај тоа Фалкао беше испратен како легенда. Тој доби овации дури и од противничките футсалци, кои решија да го кренат в раце и да го фрлаат во воздух неколку пати.
Фалкао ја заврши кариерата со хет-трик, но сепак, мечот против Иран заврши со резултат 4-4, а по изведување на пенали поуспешни беа Иранците. Популарниот Бразилец меѓу легендите замина на 39-годишна возраст и за националниот тим одигра 201 меч на кој постигна 339 гола. Тој беше активен во репрезентацијата на „кариоките“ од 1998 година и на трофејот на СП му се радуваше во 2008 и 2012 година. Фалкао четирипати е прогласуван за најдобар футсалец во светот (2004, 2006, 2011 и 2012), двапати ја има кренато Златната топка (2004 и 2008), а еднаш и се има радувано на Златната копачка (2004).