• Зоран Мишевски
Кумановскиот футсал клуб Форца е нов шампион на Македонија во футсал. Минатата година ја започнаа како дебитанти, но оваа се веќе шампиони и се пласираа во полуфиналето на купот.
На две кола пред крајот на сезоната, кумановскиот клуб од шеснаесет одиграни натпревари има исто толку победи и ја презема доминацијата во овој спорт, а на градот Куманово му нуди титула во било кој машки спорт по долга пауза. Во клубот настапуваат познати имиња и сегашни и поранешни репрезентативци како: Драган Петровиќ, Таулант Исмаили, Кристијан Јовановски, Иван Крстевски, Зоран Левески, Харис Омеровиќ, Мартин Тодоровски, Берат Рамадани...
Претседателот на клубот, Валдрин Мифтари, споделувајќи го успехот информираше дека во моментов се најорганизирана футсал екипа во земјата.
„Чекаме поголема поддршка и од Општина Куманово за наредната година да ја продолжиме и да постигнеме успех и во Лигата на шампионите“, изјави Мифтари.
По реконструикцијата на спортската сала во Куманово, футсалците на Форца се надеваат дека ќе можат да играат натпревари како домаќини во градот, но и да приредат уживање за публиката.