• Горан Упале
Еден од најдобрите футсал играчи на сите времиња, Фалкао, испрати остри критики кон спортските ѕвезди кои во последниот период станаа дел од кампањата „седи дома“ и жонглираа со тоалетна хартија.
Бразилскиот ас за „Глобоеспорте“ изјави дека одбил да се приклучи во оваа кампања и сите досегашни учесници ги нарече кловнови.
„Моменталната ситуација со коронавирусот е многу опасна и сложена. Луѓето масовно се заразуваат и има голем број на жртви. Затоа треба на многу посериозен начин да ја подигнеме свеста на луѓето. Фокусот треба да се задржи на сериозноста на вирусот и нејзиното спречување од понатамошно ширење, а не да се прават безмислени работи како жонглирање со тоалетна хартија. Всушност, тие што го прават тоа забораваат дека шутираат артикал кој е важен за одржување на хигиената, а луѓето панично купуваат тоалетна хартија. Нема да се приклучам кон оваа кампања, бидејќи не сакам да бидам кловн“, вели Фалкао.
Во кампањата „седи дома“ на социјалните мрежи се приклучија голем број на спортски ѕвезди, меѓу кои и Лионел Меси, Лука Дончиќ, како и нашите Енис Барди, Илија Несторовски...