ЕП во Словенија сè подалеку за нашите футсалци, убедливо поразени и од Чешка

Македонската футсал репрезентација го забележа и вториот пораз на квалификацискиот турнир за Европското првенство во Алмати, Казахстан.

Момците на Иван Божовиќ по вчерашниот очекуван пораз од домаќинот (3-0), кој воедно е и третата светска сила, утрово со убедливи  7-3 (2-1) загубија од селекцијата на Чешка и ги намалија шансите за пласман на Европското првенство, кое идната година ќе се одржи во Словенија. 

Нашите репрезентативци беа рамноправен противник само на стартот на мечот. Брзо поведоа со 1-0, но Чешка веднаш возврати за 1-1, а одличната игра во продолжението ја круниса со уште еден гол и предност од 2-1 на полувреме. Само што започна вториот период, Чешка им приреди вистински шок на нашите футсалци, откако за период од само неколку минути постигна два гола и зголеми на високи 4-1. До крајот на мечот нашите репрезентативци постигнаа уште два гола, но Чешка беше незадржлива и со три погодоци во финишот забележа убедлива победа од 7-3. Головите за Македонија ги постигаа Де Соуса (2), а еднаш стрелаше Петровиќ, додека кај Чешка со четири гола се истакна најдобриот играч на оваа генерација Ликаш Решетар.

Сега на Македонија ѝ е потребна висока победа над Данска за надеж дека ќе биде најдобропласирана трета репрезентација во овие квалификации и ќе обезбеди учество во плеј-офот.